Маркет во Скопје ги замрзна цените на 100 производи: Алал да им е

 

Кампањата на ВЕРО за „100 производи со замрзнати цени за следните шест месеци“ започна да се спроведува. Од вчера во сите ВЕРО маркети низ државата цените на 100 производи за основна потрошувачка се замрзнати и по таа цена ќе се продаваат во следните шест месеци, без оглед на пазарните флуктуации.

Денеска во посета на ВЕРО маркет беше заменик министерот за економија Марјан Ристески, кој провери на кој начин се спроведува кампањата и какви ефекти ќе има врз буџетот на домаќинствата.

„Акцијата ‘Новогодишна кошница’ е новитет во нашата држава и за првпат на овој начин на бизнис секторот му беше дадена можност да ја покаже општествена одговорност. Сакам да ја поздравам одлуката на маркетот ВЕРО, кои покрај нивната одлука да не ги покачува цените на производите кои беа опфатени со ‘Новогодишната кошница’, организираат и нова акција со која се замрзнуваат цените во наредните шест месеци на 100 производи.

Апелирам до сите производители, добавувачи и маркети да го следат овој позитивен пример и да ја покажат нивната општествена одговорност, да не ги покачуваат цените на производите од ‘Новогодишната кошница’, како и да не ги покачуваат цените на останатите основни производи“, кажа заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески. Меѓу 100-те производи со замрзнати цени има основни прехранбени производи, средства за домаќинство и производи за лична хигиена.

Освен овие 100 производи со замрзната цена, во ВЕРО маркетите остануваат и намалените цени на производите од новогодишната кошничка, а ќе се организираат и дополнителни акции и промотивни активности со поволности за купувачите. „Ова е наш начин да помогнеме и да придонесеме за стабилизирање на цените на основните производи, во корист на потрошувачите и на граѓаните. Оваа активност немаше да биде можна без производителите, кои како наши партнери излегоа во пресрет и ја прифатија нашата иницијатива која оди во прилог на граѓаните и дава поддршка на заложбите на Владата за стабилизација на цените. Искрено се надеваме дека даваме пример кој би го следеле и останатите трговци“, изјави Петар Денковски, директор на ВЕРО.

Проектот „100 замрзнати цени“ опфаќа основни производи кои домаќинствата секојдневно ги користат. Целосната листа е достапна во маркетите, а производите со замрзнати цени се обележани на посебно место и се означени со специјални етикети. Производите ќе бидат истакнати и во неделните брошури и објави на социјалните медиуми.

17.01.2025 - 11:32

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега