Македонија пет години во НАТО - Најголемиот и најмоќен безбедносен сојуз

 

Република Северна Македонија денеска одбележува пет години од зачленувањето во НАТО откако на денешен ден во 2020 година стана 30-та членка на Алијансата. Со тоа, земјата реализираше една од нејзините стратешки цели која е зацртана и во Резолуцијата што Собранието ја усвои во 1993 година. 

По повод петгодишнината денеска во Клубот на пратеници во Скопје ќе се одржи средба на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски со амбасадорите на земјите-членки и партнери на Алијансата. Според агендата, на почетокот на настанот ќе се обрати министерот Муцунски по што ќе следи затворена дискусија.

Определбата за евроатлантско интегрирање датира уште од 1993 година, кога Собранието ја усвои Резолуцијата во која беа дефинирани надворешно политичките приоритети на државата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.

На 15 ноември 1995 година државата го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата „Партнерство за мир“, а на 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларија за врски. Во април 1999 година на Самитот на НАТО во Вашингтон, тогашна Република Македонија се стекна со статус на земја-кандидат за членство во Алијансата, по што отпочна подготовката и реализацијата на Акцискиот план за членство.

Во финалната Декларација од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Алијансата донесе одлука дека земјата треба да добие покана за членство по решавањето на спорот за името со Грција.

Во рамки на декларациите на следните самити на НАТО (Лисабон 2010, Чикаго 2012, Велс 2014 и Варшава 2016), беше повторена формулацијата од Букурешт дека Алијансата ќе упати покана за членство во НАТО веднаш по постигнувањето на взаемно прифатливо решение за името во рамки на ОН.

На Самитот на НАТО во Брисел, 11-12 јули 2018 година Северноатлантскиот совет, на состанок на ниво на шефови на држави и влади, донесе одлука да ја покани Република Северна Македонија да ги започне пристапните разговори за членство во Алијансата.

На 1 август 2018 година тогашниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг упати писмо до тогашниот министер за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, заедно со Планот за спроведување на процесот на пристапување во НАТО.

На 18 и 19 октомври 2018 година, на состанокот одржан во седиштето на НАТО во Брисел земјава успешно ги заврши пристапните разговори за членство. На 21 јануари 2019 година, министерот за надворешни работи упати писмо до генералниот секретар на НАТО во кое беше изразена подготвеноста и способноста на земјата да ги прифати и почитува обврските и заложбите за членство во НАТО, содржани во Вашингтонскиот договор и Студијата за проширување на НАТО од 1995 година, како и желбата за добивање на покана за пристапување кон НАТО.

На 6 февруари 2019 година, во седиштето на НАТО во Брисел, претставниците на 29 земји - членки на Алијансата во присуство на тогашниот генерален секретар на НАТО и поранешниот министер за надворешни работи го потпишаа Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во Алијансата.

По свечената церемонија во Брисел, започна постапката за ратификација на Пристапниот протокол од страна на сите 29 земји членки на Алијансата. Процедурата за ратификација на Пристапниот протокол беше финализирана на 19 март 2020 година, кога амбасадорот на Кралството Шпанија во Вашингтон, го предаде инструментот за ратификација на Вашингтонскиот договор, со што се заокружи третата и последна фаза од пристапниот процес.

Со цел непречено одвивање на процесот на интеграција на земјата во НАТО, Собранието на 11 февруари 2020 година, едногласно го ратификуваше Северноатлантскиот договор, по што, на 20 март 2020 година, следеше и потпишување на инструментот за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на претседателот на државата.

На 27 март 2020 година, преку македонската Амбасада во Вашингтон, во Стејт Департментот во САД беше депониран инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор, со што земјава и официјално стана триесетта земја членка на Алијансата. 

27.03.2025 - 08:04

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега