Литванија го легализира одвраќањето на нелегалните мигранти
Литванскиот парламент денеска усвои закон со кој се легализира одвраќањето на нелегалните мигранти на границата под режим на екстремна ситуација на државно ниво или при вонредна состојба, пренесува „Еурактив“.
Измените ѝ даваат можност на државата да им забрани влез во Литванија во време на екстремна ситуација на државно ниво – воведена поради прилив на мигранти – на оние странски државјани што имаат намера да ја преминат или ја преминале литванската граница на места што не се определени за таа цел или на места определени за таа намена, но притоа ја прекршиле постапката за преминување на државната граница.
Сеимасот со 86 гласа „за“, осум против и 20 воздржани ги усвои измените на Законот за државната граница и заштита, кои треба да стапат во сила на 3 мај, но првин треба да бидат потпишани од претседателот Гитанас Науседа.
Подготвени од литванското Министерство за внатрешни работи, амандманите ја консолидираат постојната практика на одвраќање на мигрантите на граница, која првично беше воведена врз основа на наредбата на министерот за внатрешни работи издадена во 2021 година, а подоцна беше формализирана со владина резолуција.
Амандманите наидоа на критики кај организациите за човекови права, кои тврдат дека законот го легитимира протерувањето, практика што го крши меѓународното право. Од „Амнести интернешнл“ истакнаа минатата недела дека со законот се дава зелено светло за тортурата.
Во меѓувреме, литванското МВР вели дека амандманите прават јасна разлика помеѓу природната миграција и инструментализираната миграција олеснета од белорускиот режим истакнувајќи дека законот е неопходен за да се заштитат националните безбедносни интереси на Литванија.
Министерството исто така вели дека законот предвидува заштитни мерки за ранливите лица.
Според нацрт-законот, одредбата за одвраќање мигранти ќе се применува поединечно за секој мигрант и нема да се применува во случаи кога треба да им се обезбеди влез или хуманитарен пристап до територијата на Литванија на странци што бегаат од воена агресија или прогон.
Освен тоа, измените овозможуваат одвраќање нелегални мигранти само по должина на границата и само до 5 км во внатрешноста.
Од 3 август 2021 година, кога им беше дадено правото да ги одвраќаат нелегалните мигранти, литванските граничари спречија околу 20.200 луѓе да преминат од Белорусија во Литванија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа