Курти за убиствата на Вања Ѓорчевска и Лиридона Адемај: Не е доволно апсењето на сторителите, треба заслужени казни

 

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека на сторителите на киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска во Северна Македонија и нарачаното убиство на 30-годишната Лиридона Адемај во Косово од страна на нејзиниот сопруг, мора да им се изрече заслужената казна, за таквите злосторства да не се повторуваат во иднина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Обраќајќи се на денешната регионална конференцијата организирана на Министерството за правда на Косово, насловена „Обединети против насилството – доста!“, Курти рече дека двете убиства „натежнуваат врз умовите и срцата на сите“ во двете земји.

Според косовскиот премиер, ставањето зад решетки на нарачателите и извршителите на убиставата на Лиридона Адемај и Вања Ѓорчевска не е доволно, туку и судовите треба да ги третираат случаите на насилство врз жени и девојчиња како приоритет.

– Неодамнешните убиства, нарачаното убиство на Лиридона Адемај од страна на нејзиниот сопруг и киднапирањето и убиството на 14-годишната (Вања Ѓорчевска) во Скопје, натежнуваат врз умовите и срцата на сите. Нарачателите и извршителите на инцидентот во Лиридона се уапсени и ставени зад решетки, рече Курти.

Тој ја пофали полицијата како „брза како и секогаш, која дејствува брзо и со висока ефикасност“, истовремено барајќи од правосудниот систем да посвети поголемо внимание на случаите на насилство врз девојчињата и жените.

– Само апсењето не е доволно. Затоа што тие знаат дека има слични и бројни случаи, кога криминалците се ослободуваат и делата се повторуваат уште полошо од првиот пат. Мора целиот правосуден систем да даде приоритет на случаите на насилство врз девојчињата и жените. Немаме како инаку да кажеме дека е потребна заслужна казна. Благоста на казната предизвикува повторување на делото, рече Курти.

05.12.2023 - 19:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега