Купиле спреј за да бришат траги - Манев тврди Палчо го убил па фрлил Панче во дупката
Судењето за убиството на Вања и Панче продолжи денеска во Основен Кривичен суд Скопје. Обвинетиот Велибор Манев денеска го продолжи своето сведочење.
- Вечерта пред да биде убиен Панче Жежовски, беше среда, дома кај мене дојдоа Видески, а потоа со „кангуто“ и Палчо и Кешишев. Бевме да купиме дизел и бензин со моето возило со Кешишев. Наточивме на Макпетрол на влезот во Велес во големи балони од по десет литри. Го ставивме кај мене во гаража. Следниот ден ги ставивме во Кангуто и отидовме сите четворица пред куќата на Панче. Од мојата до куќата на Панче има околу 600 метри. Првата вечер само гледавме и се вративме пешки до кај мене дома, раскажа Манев во судницата.
Откри и дека утредента пак се вратиле пред куќата на велешанецот Панче.
- Јас, Боре и Палчо имале радио станици. Тројцата тргнавме пешки кон куќата на Панче, Кешишев со Кангуто на паркингот кај пругата. Беше пред зора. Не видов дека некој носи пиштол во тој момент. Чекавме до кај 7 и 20 часот. Тогаш Панче рече дека од чекање нема фајде и му рече на Боре да чукне на врата кај Панче. Откако го грабнавме го ставивме во неговата кола. Церада која ја носевме требаше да биде спуштена во дупката. Заминавме кон местото. Цитроенот го возев јас. Кога стигнавме, го однесовме Панче до отворот за да го спуштиме. Како што беше легнат Палчо му испука куршум. Да видов немаше да бидам тука. Од шокот дишев длабоко да не експлодирам а Палевски го турна во дупката. Дупката ја наполнивме со земја еден потоа, пред грабнувањето на наводната жена. Мобилниот од Панче го фрли во долот каде што растат капини. На враќање јас го возев неговиот Цитроен кон Скопје. Го оставивме кај пругата во близина на Кванташки, раскажа Манев.
Наредниот ден купиле WD-40 и ракавици, отишле со Боре до куќата на Жежовски, но не го искористиле зошто не успеале да ја отворат вратата.
На минатото рочиште, Манев беше испитуван од Љупло Палевски и неговата одбрана при што му беа поставени повеќе прашања во однос на временските рамки за извршување на активностите при што посочија на неколку искази на Манев, според кои, настаните не се опишани идентично. Одговорот на Манев за причината за ова беше дека тоа е поради состојбата во која ги давал изјавите во тие моменти.
Претходно, Манев во детали ги образложи грабнувањета на Вања и Панче, при што посочи дека координатор и извршител на убиствата бил Палевски. Тој нагласи дека после убиството на Панче, продолжил со грабнувањето на Вања поради страв и закани од Палевски кон него и неговото семејство.
Според најавеното, по сослушувањето на Манев кое е предвидено да заврши денеска со прашања од Судот, треба да сведочи Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и на крај Палевски.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа