Крстевска: Чудно е како Палевски ги има записниците од испитувањето на другите обвинети

 


Од страна на првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски, Љупчо Палевски, беше побарано изземање на обвинителката Жаклина Крстевска и на целото Обвинителство за незаконска истрага, па Крстевска оцени дека Палевски го искористил моментот и ги изнел сите свои наводи.

Според неа, сите наводи на Палевски се неосновани, а Обвинителството има преземено доволно дејства.

„Доказите се приложени и очигледно е дека со презентирањето на видеозаписите се приближуваме кон делот кога јавноста ќе биде запознаена со дејствата на Палевски, кој цело време негира дека учествувал во предметните настани“, изјави Крстевска.

Како што напомена, ниеден бранител на другите обвинети за убиствата не разговарал со Обвинителството надвор од службените дејства.

Многу е чудно, додаде Крстевска, како обвинетиот Палевски ги има записниците за испитување од осомничените Видевски, Кешишев, Манев и Ѓорчевски.

„Тие не се доставени на увид на одбраната и многу е чудно како дошол до нив и ги презентира во јавноста“, посочи обвинителката.

Првообвинетиот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски-Палчо, на почетокот на денешното рочиште побара изземање на јавната обвинителка Жаклина Крстевска и на целото ОЈО Скопје во случајот поради несоодветно спроведена истрага.

Судењето е одложено за 3 февруари со образложение дека мора да се остави простор републичкиот јавен обвинител да се произнесе по барањето за изземање.

27.01.2025 - 15:02

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега