Ковачевски: Северна Македонија е мостот што им е потребен на Западен Балкан и Европа во надминување на сложените предизвици

Република Северна Македонија е мостот што им е потребен на Западниот Балкан и на Европа денес, во надминувањето на сложените предизвици на денешницата, истакна премиерот Димитар Ковачевски, на централната свеченост по повод одбележувањето на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј што денеска се одржа на Плаошник.

На чествувањето, кое прв пат годинава се одржа во знак на почит кон сесловенските просветители, претседателот на Владата забележа дека и во ова современо време во кое живееме, векови по времето на Светите Браќа Кирил и Методиј, има потреба од натамошни успешни мисии во насока кон интеркултурализмот.

- А нашата држава, со сите свои предизвици во развојниот пат, поради многу богатото културно и историско наследство, како и поради прогресивната раководна мисла, подготвено го следи космополитскиот дух на Светите Кирил и Методиј. Се докажа, во регионот и во Европа, дека сме потребниот мост, бидејќи покажавме, преку дела, како со разговор и со дијалог - како цивилизациски придобивки, се наоѓаат решенијата на преговарачките маси, рече Ковачевски.

Споре него, Плаошник е избран за чествување, бидејќи е местото каде е основан и дејствувал Првиот словенски универзитет. Затоа што, подвлече, тука најгласно одекнува вечната и непобитна вистина за потеклото на нашиот македонски јазик, нашата македонска писменост и култура, а со тоа и на нашиот македонски идентитет.

-Токму на оваа македонска почва светите Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ја создале писменоста од која што натаму се развива и современата македонска писменост. Од ова парче земја го црпиме старословенското, кирилметодиевското и црковнословенското наследство, суштински дел од културното наследство на сите словенски народи , а меѓу нив и на мојот, на нашиот македонскиот народ, истакна премиерот.

24.05.2023 - 15:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега