Ковачевски: Одлуката пред дел од партиите е дали се за ЕУ, НАТО и САД или ќе останат заложници на Левица

Имаме предлог од Работната група кој што ќе биде разгледан од владата и ќе биде доставен до Собранието, треба веќе да се определат политичките партии во државата, дали се за ЕУ, НАТО и САД или дел од нив ќе сакаат да останат заложници на Левица и Апасиев, рече денеска претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање.
 
-Имаме предлог кој што ќе биде разгледан од владата и ќе биде доставен со Собранието и сите политички партии треба да бидат свесни дека ова е процес за интеграција во ЕУ. Впрочем многу јасни пораки испрати вчера и сенаторот Марфи од САД кој што кажа дека треба веќе да се определат политичките партии во државата, дали се за ЕУ, НАТО и САД или дел од нив ќе сакаат да останат заложници на Димитар Апасиев, рече Ковачевски.
 
Многу јасни пораки дојдоа од сите претставници на ЕУ и на претседатели на држави членки на ЕУ во однос на тоа која е обврската на нашата држава, рече Ковачевски, додавајќи дека нормално има обврски и ЕУ.
 
-Нормално има обврски и од ЕУ бидејќи да не заборавиме во таа преговарачка рамка македонскиот јазик е признаен чист без никакви фусноти, без никакви додавки и придавки и појаснувања и тоа се потврди со договорот ФРОНТЕКС кој што го потпишавме пред веќе половина година со сите земји членки на ЕУ. На македонски јазик заедно со сите други јазици на ЕУ. Така да со тоа падна уште една голема лага на опозицијата во вода. Исто така македонскиот идентитет е гарантиран во ЕУ и тоа од сите претставници кои доаѓаат. Со влегувањето во ЕУ нашиот македонски идентитет ќе го збогати културниот, идентитетскиот и јазичниот мозаик на ЕУ како целина, кажа Ковачевски.
 
Верувам дека сите политички партии и сите пратеници ќе ја поддржат оваа одлука во Собранието со цел државата да продолжи кон исполнувањето на својата втора стратешка цел после зачленувањето во НАТО, а тоа е зачленувањето во ЕУ, додаде Ковачевски.
 

 

-Тоа не е процес кој што е процес на еден човек, една политичка партија туку тоа е процес за сите политички партии и за сите граѓани на државата. Јас постојано го повторувам тоа, ние сме биле дел од југословенската федерација сме имале поголем животен стандард и од Словачка и од Чешка и од Бугарија и од Романија и од Полска и од Унгарија, тие биле под нас во животниот стандард со скалила и скалила. Благодарение на нивното членство во ЕУ денес наши граѓани одат да работат токму во овие држави заради поголема плата. Тоа порано било незамисливо тие доаѓале да работат кај нас. И затоа со влегувањето во ЕУ ние ќе си го покачиме стандардот на нашите граѓани да ни останат тука децата да ни работат да ни живеат и да доаѓаат и други да работат кај нас и со тоа да го зголемуваат нашиот БДП, рече претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски.
27.05.2023 - 15:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега