Ковачевски: На Плаошник најгласно одекнува вечната и непобитна вистина за потеклото на нашиот македонски јазик

Избравме годинава да го чествуваме 24 мај овде на Плаошник, местото каде е основан и дејствувал Првиот словенски универзитет, затоа што тука најгласно одекнува вечната и непобитна вистина за потеклото на нашиот македонски јазик, на нашата македонска писменост и култура, а со тоа и на нашиот македонски идентитет, рече премиерот Димитар Ковачевски, на централната свеченост на Плаошник по повод одбележувањето на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј.

-Токму на оваа македонска почва светите Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ја создале писменоста од која што натаму се развива и современата македонска писменост. Од ова парче земја го црпиме старословенското, кирилметодиевското и црковнословенското наследство, суштински дел од културното наследство на сите словенски народи , а меѓу нив и на мојот, на нашиот македонскиот народ, вели Ковачевски во обраќањето.

Тој наведува дека одејќи по стапките на сесловенските просветители Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски, токму овде во Охрид, ја развил Охридската книжевна школа. Тоа е првиот словенски универзитет во тоа време и тој прераснува во еден од најголемите и највлијателните културни центри од каде се шири словенската писменост.

-Ракописи од Охридската школа денес се наоѓшаат во речиси сите позначајни светски библиотеки и установи. Еден од наследнитеците на Климент, еден од најголемите борци за признавањето на македонскиот јазик, Крсте Петков Мисирков, вели, „за среќа има македонска национална култура и историја и тоа е факт кој го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во негова борба за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи.  И јас сум убеден дека и Климент Охридски, еден од учениците на браќата Кирил и Методиј, и нивните наследници - Мисирков, Конески, како и Јаневски, Андреевски, Шопов, Рацин денес би биле подеднакво горди со сите нас. Затоа што, како што вели еден од нашите најзначајни современи дејци Блаже Конески, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик - јазикот е нашата целокупна татковина, подвлече премиерот Ковачевски.

Но, нагласува тој, Конески предупредува и дека од нас зависи дали јазичната средина ќе биде загрозена или не, а ние нашата јазична средина ја заштитивме преку тешки државнички, храбри одлуки, како што доликува на една одговорна Влада која го цени своето богато културно и историско минато.

-Со овие одлуки најпнапред ги осигуравме територијалните граници преку членството во НАТО, а потоа го заштитивме македонскиот јазик и идентитет преку почетокот на преговорите со ЕУ минатата година. Силно сме посветени да го изопдиме овој европски пат, да се осигураме дека европскиот квалитет на живот ќе го имаме и тука дома. Посветени сме да дадеме глас за Европа за да обезбедиме услови младите, луѓето, да живеат, учат, работат во својата родна земја. Да има кој да говори, пишува и создава на мајчиниот македонски јазик, денес и засекогаш во иднина, рече меѓу другото премиерот Ковачевски.

24.05.2023 - 14:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа