Клековски: В понеделник се очекува враќање на првите пациенти од лекување во странство

 


Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски очекува в понеделник во државава да бидат вратени првите пациенти од пожарот во Кочани кои се лекуваат во странство и инфорира дека веќе се работи на планот за следните фази на рехабилитација. Вкупната бројка на повредени во пожарот достигна околу 200, во домашните болници се 72-ца пациенти, а 111 во странските.

Тој во гостување во Тема на денот на Сител Телевизија вечерва истакна дека денеска завршувааат преносите во странските бопници. Во текот на денов биле транспортирани три пациенти во Турција, седум пациенти во Шпанија и последниот транспорт со двајца повредени ќе биде во Чешката Република.

- Заврши доаѓањето на нови повредени во македонското здравство. И со околу 70 повредени во Македонија, мислам дека можеме да се справиме тука. Се уште имаме пациенти на интензивна нега, меѓутоа сите се стабилни со позитивна прогноза. Во основа логиката на ова што го направивме изминатите денови, бидејќи не знаевме кој ќе биде обемот на трагедијата, беше што повеќе тешко повредени, критични повредени да се пренесуваат во странство. Таа одлука е донесена од Владата многу рано, веќе во утринските часови, рече Клековски.

Тој не кажа за бројот на пациенти кои се во критична состојба, но увери дека прават се што е можно да бидат добро и дека сите до еден се згрижени во најдобри можни услови според степенот на повреди. Ја нагласи и брзата реакција на надлежните.

-Одлучувавме исклучиво по критериуми, конзилијарно, директорите на неколку клиники без разлика што сместувањето беше во пет центри на почетокот - Кочани, Штип, Св Наум Охридски, 8 Септември и повеќе клиники во Клинички центар. Во неделата, за помалку од 12 часа од несреќата првите транспорти на повредени ги имавме кон Солун (Папаниколау), а потоа дојдоа транспорите кон Софија (Пирогов), Бугарија, а потоа и Турција и Србија, вели Клековски. 

Тој потенцира дека првиот бран на пациенти, околу 150, го прифати македонското здравство, максимално пожртвувано, а први на помош им пристапиле државите од соседството - Бугарија, Грција, Србија и Турција. Тие реагирале најбрзо со сопствени авиони и испратиле сопствени возила, а Бугарија и Србија испратиле и итна помош. Појасни дека Владата го активирала механизмот за цивилна заштита на Европската унија на вториот ден од несреќата кога се пополниле капацитетите во соседните земји и кога почнале да доаѓаат нови пациенти.

Клековски потсети и на странските медицински тимови кои пристигнаа на помош во земјата од Србија, Израел и од Чешката Република со експертиза за изгореници кои им помогнале на домашните здравствени работници во болниците каде беа лекувани средно тешките пациенти.  

20.03.2025 - 22:37

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега