Кинезите кризираат: Им опадна продажбата на ајфони
Продажбата на „ајфон“ на „Епл“ во Кина падна 24 отсто во првите шест недели од оваа година во споредба со почетокот на 2023 година, според истражувачката компанија „Контерпоинт“, како одраз на се посилната конкуренција.
Американскиот технолошки гигант се соочува со жестока конкуренција од кинеските ривали. Така, продажбата на „хуавеј“ скокнала 64 отсто во истиот период, се наведува во извештајот.
Ниту „Ајфон“ ниту „Хуавеј“ веднаш не одговорија на барањето на Би-би-си за коментар на податоците.
Покрај обновениот раст на продажбата на „хуавеј“ во сегментот на поскапи телефони, „Епл“ е под притисок и од агресивната ценовна политика на кинеските „Опо“, „Виво“ и „Ксијаоми“, напиша Менгменг Џанг од „Контерпоинт рисрч“.
Според извештајот, падот на кинескиот пазар во целина е седум проценти. Кина е еден од најголемите пазари на „Епл“.
„Хуавеј“ со години е измачуван од американските санкции, но неговата продажба порасна кога во август минатата година ја лансира серијата 5Г-мобилни телефони „мате 60“, што ги изненади аналитичарите бидејќи му беше забранет пристапот до клучните чипови и технологијата потребни за 5Г-мобилен интернет.
Заедно со „Хуавеј“, само „Хонор“ забележа раст на продажбата меѓу првите пет брендови, според извештајот на „Контерпоинт“. Според „Контерпоинт“, „Виво“, „Ксијаоми“ и „Опо“ продале помалку мобилни телефони отколку во првите шест недели од 2023 година.
Извештајот исто така покажа дека уделот на „Епл“ на кинескиот пазар на паметни телефони паднал на 15,7 отсто од 19 отсто минатата година, што значи дека паднал од второто на четвртото место.
„Хуавеј“ се искачи на второто место, со пазарен удел од 16,5 отсто, речиси двојно повеќе од пред една година.
„Виво“ ја задржа позицијата на производител со најмногу продадени мобилни телефони и покрај падот на продажбата од 15 проценти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа