Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители
Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители:
Св. апостол Јаков, брат Господов
Се нарекува брат Господов затоа што му беше син на праведниот Јосиф, свршеникот на Пресвета Богородица. Кога праведниот Јосиф беше на умирање, па сакаше да Му остави еден дел на Исус, синот на Пресветата Дева Марија, сите браќа се спротивставија на ова, не сметајќи Го за свој брат. Јаков многу Го љубеше Исуса и изјави дека тој ќе го подели својот дел со Него. И затоа се нарекува брат Господов. Од почетокот Му беше приврзан. Според преданието тој и во Мисир одеше со Пресветата Дева и со Јосиф кога Ирод бараше да Го убие новородениот Цар. Штом ја чу Христовата наука Јаков почна да живее според неа. За него се вели дека целиот живот не јадел маст ниту зејтин, туку дека живеел само на леб и вода. И бил девственик до крајот на животот. Многу бдеел ноќе и Му се молел на Бога. Господ го вбројал во Своите Седумдесетмина апостоли. По воскресението Христос нему му се јавил посебно, како што сведочи Св. апостол Павле (1 Кор. 15). Бил епископ во Ерусалим триесет години и ревносно управувал со Божјата Црква. По указ на Господ ја составил првата литургија, којашто за подоцните христијани беше премногу долга, па затоа ја скратуваа Св. Василиј Велики и Св. Јован Златоуст. Многумина Евреи и Елини Св. Јаков ги обрати во верата Христова. И самите неверни Евреи ? се восхитуваа на неговата праведност и го нарекуваа Јаков Праведниот. Но кога дојде за првосвештеник Анан, тој со другите еврејски старешини намисли да го убие апостолот Јаков, како проповедник Христов. Еднаш на празникот Пасха, кога многу народ се беше собрал во Ерусалим, му рекоа старешините да се качи на покривот од храмот и оттаму да говори против Христа. Свети Јаков се качи и почна да му зборува на народот за Христа како за Син Божји и вистински Месија, за Неговото воскресение и за Неговата вечна слава на небесата. Разјарени свештениците и старешините го турнаа од покривот и тој падна и се повреди многу, но с ? уште беше жив. Тогаш притрча еден човек и го удри по главата толку силно, што му го истури мозокот. И така сврши со маченичка смрт овој преславен Христов апостол и се пресели во царството на својот Господ. Јаков имаше шеесет и три години кога пострада за Христа.
Тропар
Како праведен Господов ученик, си го примил Евангелието, како маченик имаш смелост непобедлива, како ерарх се молиш, ти кој си брат Божји. Моли Го Христа Бога да се спасат нашите души.
Свети Игнатиј, патријарх Цариградски
Син на царот Михаил Рангава. За патријарх дојде после Св. Методиј во 846 година. Во 858 година го симнаа од престолот и го пратија во прогонство. На негово место стана патријарх првиот царев секретар, Фотиј. Но кога на царскиот престол дојде Василиј Македонецот, тој повторно го врати Св. Игнатиј на патријаршискиот престол. Св. Игнатиј управуваше со Божјата Црква со голема ревност и мудрост. Го изгради манастирот на Св. Архангели, во којшто се упокои во Господ во осумдесет и деветтата година од неговиот живот на земјата.
Тропар
Смирението твое пред Господа дар измоли за Црквата, кон трпеливо послушание приведувајќи те за спасение на многумина, о Игнатие пастиру Господов. Мудроста облагодатена ја сподели со паствата, учејќи нe и денес на стравот Божји, со кој се освојува Небесната висина.
Светиот маченик Јаков Боровицки
За овој светител се знае само онолку колку што тој им откри во видение на луѓето во местото Боровиц. Неговото тело доплива еден ден по реката Мета пред Боровиц во 1540 година и таму се запре. Од моштите се пројавија големи чуда.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа