Јанев: Полицијата е чувар на државата
Во Центарот за обука на МВР во Идризово се одржа централната манифестација по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, на која присуствуваа претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Александар Јанев, раководството на министерството, министри и членови на дипломатскиот кор.
Јанев во своето обраќање потенцираше дека верува во идејата дека полицијата е чуварот на државата, и дека униформата и значката што полициските службеници ја носат се симбол на гордост, чест и одговорност, а не на моќ.
„Во изминатите десетина месеци докажавме дека институцијата може да биде и праведна, и силна. Го засиливме оперативното работење, го зголемивме нашето присуство, воведовме нови оперативни модели на работа, ја започнавме новата ера преку дигиталната трансформација. Разбиени се криминални банди, нарко мрежи, терористички ќелии, расчистени се децениски нерасчистените убиства, откриени се злосторства поврзани со изнуди, нелегална трговија со луѓе, нелегални игри на среќа, злоупотреби во институции, фалсификувања на пари. Цврсто ја позиционираме македонската полиција на меѓународната мапа, ја издигнавме во искрен, рамноправен и силен партнер на агенциите за спроведување на законот од регионот, Европа и светот, преку заедничко и координирано работење придонесуваме за регионалната и глобалната безбедност.“, нагласи директорот Јанев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа