Ја демнел со години па и пукал во градите - Детали за хоророт во Прилеп

 

Вработените во Центарот за социјални работи Тетово, денеска во 12 часот и 30 минути ќе протестираат пред зградата на институцијата поради нивната колешка која вчера беше ранета на работното место, во просториите на Центарот за социјални работи Прилеп. 

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп изврши увид на лице место во простории на Центарот за социјални работи – Прилеп каде со истрели од огнено оружје беше ранета 38-годишна жена во градите. Приведен е 50-годишен маж, кој според неофицијални податоци на „Слободен печат“ имал историја на насилно поведение, прво кон својата поранешна сопруга.

Осомничениот, според првични сознанија, претходно пет години ја демнел и загрозувал сигурноста на жртвата за што биле водени соодветни кривични постапки против него, меѓутоа избегал од институција во која издржувал мерка задолжително психијатриско лекување.

Освен кон социјалната работничка која ја погодил, пукал и кон директорот на Центарот за социјални работи Прилеп кој не е повреден.

За жал, ова не беше единствениот крвав настан вчера во Македонија. Околу 9 часот било пријавено дека во селото Волково, скопско, имало пукање од огнено оружје. Кираџија со неколку истрели го убил сопственикот на куќата во која живеел, а го повредил и малолетниот син на сопственикот. Убиецот се забарикадирал во една од собите, не дозволувајќи ѝ на полицијата да пристапи, а потоа си пукал и се самоубил.

На булеварот Партизански одреди во Тафталиџе 2, на потегот меѓу мостот Обединети нации и Сити мол, во текот на вчерашниот ден се случи страшна сообраќајна несреќа кога беа прегазени жена и дете на пешачки премин. Според информации добиени од очевидци, инцидентот се случил кога возачот изгубил контрола и ги удрил пешаците кои се движеле на преминот пренесе Канал5. Според првичните информации, детето имало повреда на рбетот и поради сериозноста на повредата, било веднаш пренесено на понатамошно лекување.

Мигранти преку електронска порака на маил побарале помош од ОЈО бидејќи биле држени во подрумски простории во Студеничани од страна на криминална група со закани со оружје. Полицијата во подрум на куќа пронашла  6 мигранти, а се приведени седум македонски државјани кои во моментот биле во објектот, за кои дополнително ќе се врши проверка за нивната инволвираност во криминалните активности. 

Исто така, цистерна вчера вечер излета од коловозот на патниот правец Ростуше - Дебар. За несреќата се очекуваат повеќе детали.

 

25.03.2025 - 09:32

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега