Изгаснат пожарот во Расадник


Целосно е изгаснат пожарот што избувна доцна попладнето во Расадникот на  бул. „Борис Трајковски“ во општина Кисела Вода, нема повредени лица,  а е причинета материјална штета. Нормализирано е  и снабдувањето со електрична енергија што беше во прекин во дел од општината.

Звонко Томевски, командир на Скопската противпожарна единица, за МИА изјави дека во гаснењето на пожарот што бил пријавен во 16:06 часот учествувале осум противпожарни возила и 15 пожарникари.

-Опожарена е површина со сува трева, грмушки, автомобилски гуми и дрва што се во Расадникот. Пожарот се ширеше на повеќе страни поради горливиот материјал, но не  е дозволено  проширување  кон објектите. За кратко време беше ставен под контрола и целосно изгаснат. Нема повредени. Во тек е дежурство да не случајно се запали повторно некое место, изјави Томевски.

Претходно, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов изјави дека иако пожарот во Расадник се шири во сите насоки нема да се прошири на околните објекти.

Се огласи и прес-служата на Град Скопје, од каде покра информација за состојбата со пожарот упатија и аплет до општина Кисела Вода да го прифати предлогот за меѓуопштинска соработка со Град Скопје за изградба на нов мега-парк на таа локација, како што нагласија во соопштение, со цел оплеменување на опожарениот простор и заштита на животната средина.

-На овој начин жителите на општината ќе добијат нов зелен појас наместо запуштен простор, кој во моментов претставува опасност по животот и здравјето на граѓаните, соопшти Град Скопје.

03.09.2024 - 19:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега