Ивановска: Не требаат 8.000 км за некој да дојде до наодите, ние ги најдовме пред 4 години - никој не постапи по нив

 

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска денеска во изјава за медиумите, во врска со предметот против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, изјави дека не им требало 8.000 километри за некој да дојде до наоди. Тие биле најдени уште пред четири години. Оваа реакција доаѓа откако премиерот Димитар Ковачевски, во претходна изјава потенцираше дека иституциите требало да се запрашаат како САД на многу километри оддалечени од Македонија, нашле информации за корупција за струшкиот градоначалник, а нашите правосудни органи ги немале.

„Не требаат 8 000 километри за некој да дојде до наодите. Тие се најдени уште пред четири години. Не требало да се чека однадвор некој да ни кажува дека постојат наоди. Напротив, надлежните требале да постапат по нашите наоди, по наодите на Државниот завод за ревизија, зашто само на тој начин можеме да го зајакнуваме контролниот систем, системот на интегритет на институциите и довербата на граѓаните. Непочитувањето на работењето на независните институции не доведува до ова дереџе до кое што сме сега, рече Ивановска во врска со предметот против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и претседателот на Основниот суд - Струга отворен од страна на ДКСК кој веќе, како што рече, застарел.

Ивановска на прес-конференција детално образложи како течела постапката за овој случај, од отворањето на предметот во мај 2019 година до денеска. Притоа констатира дека „очигледно постојат спреги кои не дозволуваат институциите да функционираат како што треба“.

-Очигледно постојат спреги кои не дозволуваат институциите да функционираат како што треба, дали да тргнеме од негативна селекција, избор на раководна структура, вработувања,... На секој можен начин, во секоја пора, се обидува да се влијае. Тие се причините, не гледам други, а на тоа ако се додаде и недостигот на интегритет кај поединци кои се поставени на несоодветен начин на одредени позиции кои имаат за враќање таму од каде ги поставиле, многу јасно е дека на ваков начин ќе се функционира. Ова не е единствен случај што ДКСК го дала до Обвинителството или дала препорака. Колку иницијативи до Владата сме дале, па не презема ништо за разрешување или одговорност, рече таа.

23.06.2023 - 16:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега