Инциденти на протестите во Париз: Демонстрантите кршеа излози и фрлаа камења врз полицијата, уапсени 14 лица
Инциденти избувнаа во Париз во попладневните часови на митинг против пензиската реформа бидејќи група од неколку стотици луѓе во црна облека кршеа излози, јавува агенцијата Франс прес од местото на настанот.
Париската полиција соопшти дека нешто пред 17 часот уапсила 14 лица и додаде дека има околу 1.000 „проблематични“ лица кои се приклучиле на поворката организирана од синдикатот.
За време на протестот, таа група искршила излози на продавници, ресторани за брза храна и банки, објави Франс прес, додавајќи дека сите членови на таа група носеле црна облека со маски и темни очила.
Полицијата одговорила со солзавец, бидејќи демонстрантите фрлале камења и шишиња кон полицијата.
Според синдикатот, во Париз се собрале околу 800.000 луѓе.
Полицијата се уште не дава проценка за бројот на насобраните луѓе. Инцидентите се регистрирани во Нант и Рен на западот на Франција.
Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманен рече дека дополнителни 12.000 полицајци и жандарми се распоредени низ целата земја, од кои 5.000 се во Париз.
Сообраќајот во Франција беше во прекин, како дел од протестите и незадоволството на граѓаните од неодамна усвоената пензиска реформа, со која се предвидува поместување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа