Инаугурацијата на Силјановска и името Македонија главна тема во медиумите во Грција

 


Инаугурацијата на новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова, употребата на името Македонија, официјалните реакции од ЕУ и Атина, односно од Министерството за надворешни работи на Грција и постот што рано утрово го објави на Фејсбук грчкиот премиер рано утрово, се една од главните теми во грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Прашањето со името се врати на насловните страници на весниците во Грција, заедно со останатите теми од грчката надворешна политика: вчерашниот митинг на Рама во Атина и денешната средба Ердоган – Мицотакис во Анкара, се врати и во централните изданија на вестите, а веќе неколку дена продолжува да биде меѓу главните теми и на порталите.

„Положи заклетва под името „Македонија“; „Тирана и Скопје ѝ ја фрлаат ракавицата на Атина-Провокации од Еди Рама и Гордана Сиљановска“; „Низа провокации од Скопје и Албанија“; „Северна Македонија: Провокација „со добро утро“ од новата претседателка“, се дел од насловите во текстовите на насловните страници во весниците „Еефтерос типос“, „Та неа“, „Нафтемборики“, „Апогевматини“ итн.

Новинарите во Грција ги пренесуваат официјалниете ставови, коментираат и ги анализираат билатералните односи меѓу двете земји.

Весникот „Катимерини“ коментира дека претседателката Силјановска Давкова „се чини дека од претходно ја изразила својата желба да не положи заклетва пред Уставот на Северна Македонија, туку едноставно на „Македонија“, држава која официјално не постои по Договорот од Преспа“.

Весникот „Та неа“ пишува дека „Грција инсистира директно да ги поврзува напредокот на билатералните односи, но и европската перспектива на Северна Македонија со целосно спроведување на Договорот од Преспа, а особено уставното име на земјата“.

Додава дека употребата на името Македонија од новата претседателка „предизвика незадоволство во Атина, која има за цел прашањето да го задржи високо и е на отворена линија со Брисел“.

Онлајн изданието на весникот „Прото тема“ пишува дека големото прашање е дали и победникот на парламентарните избори и иден премиер Христијан Мицкоски ќе го користи името „Република Македонија“, но и дали „ќе се обиде да ги искористи огромните нерешени прашања и „црните дупки“ што зад себе ги остави Договорот од Преспа“.

- За господинот Мицкоски, секако, големата дилема е дали ќе остане доследен на својот идеолошки националистички пристап, кој де факто ќе стави кочница на европската перспектива на неговата земја или ќе избере да го омекне својот став за да избегне директна конфронтација со Грција и ЕУ, пишува прото тема и додава дека СДСМ ги загуби изборите не поради Договорот од Преспа, туку поради корупцијата и лошата економска состојба во земјата.

Медиуите во Грција го пренесуваат и ставот на министерот за правда во техничката Влада Кренар Лога дека „непочитувањето на уставното име на државата ја прави ништовна заклетвата на Сиљановска“, но и ставовите на претседателката на Европската Комисија, на претседателот на Европскиот совет, а од рано утрово, и ставот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис веднаш штом беше објавен на Фејсбук.

13.05.2024 - 15:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега