И пожарот над Битола целосно ставен под контрола
Општина Битола информира дека пожарот над Битола е целосно ставен под контрола со сеопфатна и континуирана ангажираност на екипите на ТППЕ, поддршка од јавните претпријатија и дополнителна помош од Центарот за управување со кризи.
Претпладнево како воздушна поддршка на противпожарните екипи, пристигна државна помош за Битола, составена од пет „Ер трактори“, од кои три од Дирекцијата за заштита и спасување и два од Турција кои се дел од помошта која стигна за справување на Македонија со пожарите.
Екипите на ТППЕ Битола остануваат на терен до целосна ликвидација на пожарот.
-Општина Битола и Градоначалникот Тони Коњановски им се заблагодарува на сите вработени во ТППЕ Битола, за нивната посветеност и пожртвуваност во борбата со огнената стихија. Исто така, локалната самоуправа изразува огромна благодарност до сите општествено одговорни компании кои ја изразија својата хуманост и покажаа интерес да помогнат во обезбедувањето на храна и вода за екипите кои ноќта ја поминаа на терен. Голема благодарност до медиумите, кои со својата објективност овозможија навремено и објективно информирање на граѓаните за состојбата со пожарот и делувањето на општинскиот кризен штаб, наведува Општината.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа