И ќерката на Панче го потврди спорот со Велибор - Палче не го познава
Во Основен кривичен суд Скопје во врска со убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски денеска сведочеа и ќерката на Панче, Ана Киркова, и нејзиниот сопруг, Тодор Кирков. На прашања на обвинителката Жаклина Лазаревска, Киркови сведочеа за моментот кога увиделе дека Жежовски го нема, пријавата во полиција и неговото пронаоѓање.
Ана Киркова е една од трите деца на Жежовски, таа на денешното сведочење изјави дека сосетка на татко ѝ ја информирала дека тој не е достапен веќе подолго време.
- Утрото околу 10 часот ми ѕвонеше на телефон негова комшивка ми кажа ѕвонам, го барам татко ти не се јавува. Велам од кога. Таа кажа од средата веќе може 40 пати ѕвонела. Па добро, си велам можеби не сакал да ѝ се јави, рече таа.
Дополни дека потоа почнала и таа да ѕвони, но тој не се јавувал и го испратила нејзиниот сопруг кој работел во близина да провери.
- Почнав и јас да ѕвонам, не се јавува, си велам низ двор си работи. Потоа повторно јас ѕвонев, не се јавуваше. Уште во 16 кога завршив со работа, се преиспитував што може да се случи, но си велам ајде ќе одиме околу 18 часот и 40 минути почнав да се облекувам. Отидовме во станица, кажавме дека татко ми од средата на неговиот телефонски број не се јавува, рече таа.
Прашана дали ѝ е познато дека Панче имал комуникација со некој од обвинетите, таа одговори дека имал комуникација со Велибор Манев.
- Во 2007 го изнајми Велибор Манев да работи во куќата кај нас. Рече дека му е добар пријател, каменорезец. Мислам дека живее на пет минути со кола од кај нас, рече таа.
За татко ѝ посочи дека живеел скромно од својата пензија.
- Беше вреден човек. Имаше еден спор со Велибор Манев, настана поради тоа што, по укажувањата на татко ми, Велибор дошол, си ги земал коцките, нешто не испаднало како што треба, рече таа.
Прашана за возилото Цитроен, одговори дека било старо и со голем багаж.
Во однос на идентификацијата на нејзиниот татко, одговори дека таа не го идентификувала.
- Татко ми беше фрлен кога го видовме во вреќа, јас и сестра ми бевме во капела, сопругот го идентификуваше, јас не можам да гледам лик, рече таа.
На прашањата на првообвинетиот Љупчо Палевски, таа одговори дека немала сознанија дали нејзиниот татко имал контакти со него.
- Не сте ми познат, јас не ве познавам, рече таа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа