И Црна Гора ги отвора стадионите за публика
Од утре во Црна Гора ќе бидат дозволени приватни и јавни отворени собири со присуство до 50 лица и почитување на препораките на Институтот за јавно здравје.
Ова го соопшти државниот секретар на Министерството за здравство, Борко Бајиќ, по повод презентацијата на новите мерки против коронавирусот.
Како што пренесуваат тамошните медиуми, од утре ќе биде дозволено присуство на публика на спортски настани, под услов зафатеноста да биде до 10% од капацитетот за седење и под услов да има најмалку едно слободно место помеѓу гледачите.
Дозволени се групни обуки на отворено, исто така, со капацитет до 50 лица. Временското ограничување за работа на продавниците, кои беа отворени до 22 часот, е укинато.
Угостителските објекти ќе бидат отворени до полноќ. Музика во живо на терасите и градините е дозволена од 20:00 до 23:00 часот. Исто така дозволена е и работа на забавни паркови и рингишпили, но со почитување на мерките.
Според директорот на Институтот за јавно здравје на Црна Гора, кривата на пандемијата од Ковид-19 укажува на тоа дека болеста е на најниско ниво од јули минатата година.
МАКФАКС
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа