Харис: Путин може да ја заврши војната утре
По претставувањето на неговиот план за победа пред Бајден во Белата куќа, украинскиот претседател Володимир Зеленски одржа прес-конференција со демократската претседателска кандидатка Камала Харис.
Американската потпретседателка почна со ветување за поддршка на Украина во нејзината борба против Русија и дека ќе продолжи да го прави тоа доколку биде избрана на претстојните избори.
Таа рече дека Америка мора да се спротивстави на агресорите како рускиот претседател Владимир Путин.
Харис предупреди дека другите потенцијални агресори ќе следат што се случува во Украина и дека мора да им се покаже дека постапките на Путин не се прифатливи.
Додаде дека Путин утре би можел да ја заврши војната доколку ја повлече војската од Украина.
„Украина се спротивстави на руската агресија и денес Киев е слободен и силен“, рече Камала Харис.
„Претседател Зеленски, разбирам. Путин ја започна оваа војна и може да ја заврши утре ако едноставно ја повлече својата војска од украинската суверена територија“.
Без да го именува директно, Камала Харис го повика својот противкандидат на претстојните избори, републиканскиот кандидат Доналд Трамп, велејќи дека има некои луѓе во Америка кои ќе бараат Украина да прифати неутралност и да се откаже од безбедносните односи со другите нации.
„Ова не се предлози за мир. Наместо тоа, тие се предлози за предавање“, додаде таа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа