Грипот се шири: Болниците во Скопје полни деца
Зголемен е бројот на пациенти со сезонски грип, бактериски инфекции, бронхитис и пневмонија во Скопје и во другите градови низ земјата. Амбулантите се полни со пациенти со проблеми со респираторниот тракт, додека вирусните инфекции и грипот се активни како што е вообичаено во овој период од годината.
Директорот на Инфективната клиника, д-р Фадил Цана, за Плусинфо изјави дека моменталната ситуација со респираторните инфекции е доста мирна во споредба со претходните години.
– Има зголемен број на прегледи за лица со симптоми на горнореспираторни инфекции, но не во значителна мера, и не се забележува поголем наплив од вообичаено. Се подготвуваме за зголемен број на заболени со вакви инфекции, но за сега, ситуацијата е под контрола. Добро е што учениците се на распуст, па ширењето на инфекциите е забавено – рече д-р Цана за Плусинфо.
Д-р Олга Спасова од Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај деца „Козле“ истакна дека бројот на пациенти е зголемен поради сезоната на грип, но дека болницата функционира непречено.
– Во текот на продолжениот празничен викенд, Клиниката беше засилено екипирана за да се справи со зголемениот број на пациенти. Во моментов имаме 80 пациенти, од кои 60 се хоспитализирани, а 20 се згрижени во дневната болница. Очекуваме пикот на сезоната на грипот да биде на крајот од јануари или во почетокот на февруари – изјави д-р Спасова за Плусинфо.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа