Гир: Очекуваме уставните измени да бидат донесени, не коментирам политички прашања среде кампања

Шефот на делегацијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, не ја коментира изјавата на кандидатот за претседател на државата на ДУИ и на коалицијата „Европски фронт“, Бујар Османи, дека уставните измени ќе бидат услов за формирање на идната влада, но повтори оти очекува овие измени да се донесат за да може земјата да го продолжи патот кон ЕУ.

Гир денеска учествуваше на панел-дискусија, насловена „Патот пред нас: консолидирање на вклученоста на граѓанското општество во Економскиот и Инвестицискиот план за Западен Балкан“, што се одржа денеска во ЕУ-Инфо центарот.

Пред нејзиниот почеток, одговарајќи на новинарско прашање дали условот што го изнесе Османи ќе значи вовед во политичка криза, Гир рече дека не коментира политички прашања среде изборна кампања.

Сепак, тој кажа дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе го продолжи патот на земјава кон Европската Унија.

„Ние сме среде изборна кампања и не одговорам на политички прашања. Се разбира, очекуваме спроведување на уставните измени, кои ѝ овозможуваат на земјата да напредува на својот пат кон Европската Унија. Сакаме тоа да се случи што е можно поскоро“, рече Гир.

Дека уставните измени ќе бидат услов за формирање на идната влада претседателскиот кандидат на ДУИ и на коалицијата „Европски фронт“, Бујар Османи, кажа минатата недела во интервју за Радио Слободна Европа.

„Нема да може да има влада без договор за уставни измени. Тоа е јасна констатација на сите политички партии кои што сметаат дека Европската Унија е единствена алтернатива за нас. Така што, сите опции ќе бидат искористени, од можноста да се понуди и национална влада за спас“, рече Османи минатата недела.

Во гостувањето во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 минатата недела, Османи рече дека носењето на уставните измени е единствениот чекор за продолжување на евроинтеграцискиот пат на земјава, а во однос на тоа кога треба да се донесат, Османи смета дека тоа треба да се случи веднаш по изборите.

„Видете, претседателот треба да го имаме некаде на 12 мај, да даде заклетва. Затоа велам дека тоа што треба да се направи на 13 мај е да се најде една локација во која ќе се затвориме и нема да излеземе додека не си подадеме рака. Инаку, ќе немаме спас од овие циклуси на перманентни консекутивни политички кризи. Не можат веќе граѓаните да дозволат некој да им ја киднапира иднината поради политички авантури, зар малку ни беа 20 години“, рече претседателскиот кандидат на ДУИ.

 
15.04.2024 - 17:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега