Газдата на „Беса Транс“ ќе оди година и осум месеци во затвор - компанијата доби забрана за меѓународен превоз

Година и осум месеци затворска казна за сопственикот на „Беса Транс“, Беким Хаџиу и парична казна од 800.000 денари изрече денеска Кривичниот суд.

Компанијата доби четиригодишна забрана за вршење на меѓународен превоз откако автобус на „Беса Транс“ се запали на автопат во Бугарија, а во несреќата загинаа 45 македонски државјани.

Судијата Ивица Стефановски, кој денеска ја објави пресудата во Основен Кривичен суд Скопје, наведе дека обвинетите Беким Хаџиу и правното лице „Беса Транс БТБ ДООЕЛ Скопје“ се виновни затоа што обвинетиот, како управител на правно лице „Беса Транс БТБ ДООЕЛ Скопје“ во повеќе наврати употребил како вистинска лажна јавна исправа, извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај, која што воопшто не била издадена од страна на Министерство за транспорт и врски за тој автобус. 

Според обвинителниот акт, обвинетиот Беким Хаџиу, како управител на правното лице „Беса Транс БТБ ДООЕЛ Скопје“ од Рашче, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа - Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај. 

Процесот го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителот Владимир Милошевски. 

07.03.2024 - 09:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега