Европски сојуз за промена: Граѓаните страдаат од бизнисите на ДУИ

Коалицијата Европски сојуз за промена денес со соопштение пред канцелариите на Државна Лотарија порача дека оваа институција е симбол на сегашниот срам на раководството на ДУИ.

„Од партија која беше симбол за борба за правата на Албанците, се претвори во партија учесник во коцкарски зделки. За жал, денес ДУИ повеќе наликува на бизнис октопод кој ги има развиено до совршенство сите механизми за испумпување народни пари. Сите декларативни заложби за полноправно членство во ЕУ, почитување на нашите меѓународни стратешки пријателства, се фасада за нивните лични и партиски бизнис интереси. После се што ние и медиумите обзнанивме дека се случува во Државна Лотарија, очекувавме до сега оставки од Артан Груби и неговиот бивши асистент Парпарим Бајрами и надлежните државни органи да постапат“, рекоа од Европскиот сојуз за промена.

Тие потенцираа дека во наредниот период уште повеќе ќе ја разобличуваат инволвираноста на врвот на ДУИ во коцкарскиот бизнис. 

„Владата има пари за кирија за државна Лотарија од 2.6 милиони евра за синот на Пуцко Петрол, бизнис партнерот на зетот на Али Ахмети, но нема пари за центар за болни од цистична фиброза, а за ова бараат донации. Имаат пари преку Државна Лотарија да набават нови столчиња во кои тие што влегуваат во казината ќе ги изгубат сите спечалени пари и пари земени од брзите кредити, додека за затворениците има само ладен душек на под. Владата има пари за нови најмодерни ВЛТ терминали, но нема пари за сензор апаратчиња за болните од дијабет“, додадоа тие.

Тие најавија дека кога граѓаните ќе им ја дадат довербата на следните избори, институционално ќе ги расчистат сите случаи каде постои основано сомневање за перење пари, конфликт на интереси, местење тендери и тргување со политичко влијание за индивидуално и партиско профитирање.  

08.11.2023 - 19:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега