ЕУ подготвува контрамерки поради царините на Трамп, рокот за договор е 9 јули

 

Европската унија денес предупреди дека би можела да го забрза воведувањето на повратните царини за американски стоки доколку претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, ја исполни својата најнова закана за воведување царини од 50 проценти за увоз на челик и алуминиум.

Европската комисија објави дека „длабоко жали“ за одлуката на Трамп да ги зголеми царините од планираните 25 проценти на 50 проценти, оценувајќи дека таков потег ги поткопува преговорите. Портпаролот на ЕК, Олоф Гил, денес изјави дека сите планирани контрамерки би можеле автоматски да се активираат на 14 јули или порано „доколку околностите го бараат тоа“.

Според него, целта на ЕУ останува договорено решение, но Унијата „нема да се двоуми да ги заштити своите работници, потрошувачи и индустрија“, објавува Блумберг. Европскиот комесар за трговија, Марош Шефчовиќ, ќе се сретне оваа недела со американскиот трговски претставник Џејмисон Грир во Париз, додека техничката делегација на Европската комисија веќе е на пат кон Вашингтон.

Целта е да се постигне компромисно решение до 9 јули, рокот поставен од Трамп за воведување широки царини за речиси целиот увоз од ЕУ.

Европската страна ќе се фокусира на сектори како што се полупроводниците и фармацевтската индустрија, со напор да се намалат регулаторните и фискалните бариери, вклучително и примената на ДДВ за увоз од САД. Трговскиот дефицит на Соединетите Американски Држави со Европската Унија се дуплираше од почетокот на годината, што би можело дополнително да ги комплицира преговорите меѓу Вашингтон и Брисел, додава њујоршката агенција, пренесува Танјуг.

 
02.06.2025 - 18:05

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега