Ескалација на трговската војна: Кина спрема контрамерки
Кина подготвува контрамерки за да се спротивстави на новите царини наметнати од Соединетите држави, објави Глобал тајмс, зголемувајќи го влогот во ескалацијата на трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела и се закани на Кина со дополнителни 10 отсто царини, кои треба да стапат во сила утре, со што кумулативните царини ќе достигнат 20 отсто. Покрај тоа, тој го обвини Пекинг дека не прави доволно за да го спречи фентанилот да влезе во САД, што Кина го опиша како обид за „уцена“.
„Кина проучува и формулира контрамерки за да одговори на заканата од САД за воведување дополнителни 10 отсто царини за кинески производи под изговор за спречување на шверцот со фентанил“, пишува „Глобал тајмс“, повикувајќи се на анонимен извор. Контрамерките најверојатно ќе вклучуваат царини и низа други мерки, а списокот најверојатно ќе вклучува земјоделски и прехранбени производи, се додава.
Кинеското Министерство за трговија и американската амбасада во Пекинг не одговорија на барањата за коментар. Кина останува најголемиот пазар за американските земјоделски производи, и покрај падот на увозот, откако Пекинг воведе царини до 25 отсто на соја, говедско месо, свинско месо, пченица, пченка и сорго во 2018 година, како одмазда за царините наметнати од Трамп за кинески стоки.
Најголемиот светски увозник на земјоделски производи и втората по големина економија увезе американски земјоделски производи во вредност од 29,25 милијарди долари во 2024 година.
По најавата на Трамп, Пекинг имаше помалку од една недела да излезе со контрамерки или да постигне договор. Аналитичарите велат дека Пекинг се уште се надева дека ќе преговара со администрацијата на Трамп, но без знаци за трговски разговори, можноста двете економии да се приближат се намалува.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа