Драма на небото: Патник се обидел да ја отвори вратата за време на лет
На летот 701 на Плус Ултра Аереас од Мадрид до Каракас, Венецуела, се случил драматичен инцидент кога еден патник се обидел да отвори итен излез за време на летот.
Според портпаролот на авиокомпанијата, патникот првично вознемирувал други патници со удирање и викање кон лицето до него. Екипажот интервенирал, го смирил патникот и го преместил на друго седиште. Меѓутоа, набргу потоа, тој се обидел да отвори еден од излезите за итни случаи.
Видеото кое се појави на социјалните мрежи покажува како член на екипажот се обидува да го спречи патникот, додека другите патници со страв набљудуваат. Во инцидентот, стјуард се здобил со делумна скршеница на фибулата и ќе биде на боледување неколку недели.
Непослушниот патник бил совладан и задржан во задниот дел на авионот до слетувањето во Каракас, каде што бил предаден на локалните власти. Авиокомпанијата потенцира дека безбедноста на патниците во ниту еден момент не била загрозена.
Експертите објаснуваат дека е практично невозможно да се отвори излез за време на лет поради притисокот во кабината, кој создава огромни сили што ги држат вратите затворени.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа