Димитриеска-Кочоска се обврза на посветена и чесна работа за време на извршувањето на функцијата министер за финансии

 

Гордана Кочоска Димитриеска изутрината ја презеде функцијата министер за финансии од досегашниот министер Фатмир Бесими.

Ја презедов оваа функција од мојот претходник, поранешниот министер Фатмир Бесими, обврзувајќи се на посветена и чесна работа за време на извршувањето на функцијата, напиша министерката Димитриеска-Кочоска на својот ФБ профил.

Бесими кој со ресорот раководеше од септември 2020 година ја запознал новата министерка со тековните активности и проекти на кои се работи во Министерството за финансии. При тоа било посочено дека Министерството има значајна улога и оти е најважно да се спроведат реформи коишто ќе обезбедат одржливост во финансиите и економски раст.

Димитриеска-Кочоска е дел од Владата на премиерот Христијан Мицкоски, која беше изгласана вчера во Собранието.

Родена е на 6 јуни 1983 година во Тетово. Дипломирала на Економскиот факултет Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ каде била студент на генерација 2020-2006 со просек 9,55, по што на Економскиот институт Скопје магистрирала економски науки од областа на финансискиот менаџмент. Има специјализација и последипломско неформално дообразување во областа на финансии и контролинг: едногодишна Контролинг академија, спроведена од Менаџмент центар Белград, и едногодишна програма за сертифициран сметководствен аналитичар, спроведена од АБИТ Академија, Скопје.

Од странски јазици знае англиски одлично и шпански добро, а од компјутерски вештини Microsoft.

Покрај ангажман како дополнителен заменик министер за финансии во техничката Влада во 2020 година, од 2018 до 2020 и од 2020 до 2024 година работела како финансиски консултант во област на контролинг, финансии и даноци во КФК ДООЕЛ.  Од 2014 до 2017 година е член на УО и директор за финансии во АД Електрани на Македонија,  а претходно седум години работела во Секторот за корпоративно банкарство во Стопанска банка АД Скопје и една година во Министерството за финансии, Кабинет на министер во Сектор за јавен долг и Одделение за единици на локална самоуправа.

24.06.2024 - 15:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега