Детектор: Рекорден евроскептицизам во Македонија – секој четврти граѓанин против членството во ЕУ

Расте евроскептицизмот во Македонија иако и натаму над половина од граѓаните даваат поддршка за членство во Европската Унија. 

Последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје, 55,8% од граѓаните доколку утре се одржи референдум за влез на Македонија во Европската Унија би гласале позитивно додека една четвртина од анкетираните или 24,8% би биле против.

Евроскептицизмот го билдаат Македонците имајќи предвид дека 93,5% од етничките Албанци би гласале за влез на Македонија во Европската Унија а само 4,6% против. Кај Македонците, 43,5% од анкетираните се за влез на Македонија во Европската Унија а дури 31,5% од анкетираните се против.
Историски гледано, ова е најниска поддршка за членство во Европската Унија измерена до сега. Анализата на последните 3 анкети кои

Детектор ги спроведе во последните 4 години покажува дека од 2019 до денеска, поддршката значително опаднала. Ако во 2019 67,4% од анкетираните давале поддршка за членство во Европската Унија, бројката во 2020 паднала на 65,5% за денеска да се спушти на најниското ниво од 55,8%.

Очекувано во ваква ситуација расте бројот на граѓаните кои се против. Од 17,3% колку што се противеле на членството во Европската Унија во 2019, бројката скокнала на 24,8% денеска што значи дека секој четврти граѓанин на Македонија е против членство во Европската Унија.

Најголеми поддржувачи на зачленувањето во ЕУ се младите а најголеми противници граѓаните меѓу 30 и 40 години.
Граѓаните не негуваат некој оптимизам дека Македонија наскоро ќе стане членка на Европската Унија. Напротив, најголемото мнозинство или 42,1% од анкетираните се на ставот дека земјава никогаш нема да стане дел од ЕУ. 16,1% очекуваат членство во наредните 10 години, 14,3% во наредните 15, а 8,7% очекуваат да се зачлениме во наредните 5 години.

Само 1,7% од анкетираните се оптимисти дека во ЕУ ќе се зачлениме идната година.
Споредбата со анкетите на Детектор од последните 4 години покажува дека денеска граѓаните се најголеми песимисти, односно никогаш не бил поголем бројот на анкетирани граѓани кои се на ставот дека никогаш нема да се зачлениме во ЕУ. Ако оваа бројка во 2019 изнесувала 22,2%, денешните 42,1% се речи си двојно зголемување.
За речи си 15 пати паднал бројот на граѓани кои во 2019 сметале дека во ЕУ ќе влеземе следната година. Ако тогаш оптимисти биле дури 15,4% од анкетираните, денеска, 4 години подоцна, членство во ЕУ идната година очекуваат само 1,7%.

Слична е ситуацијата и кај категоријата граѓани кои очекуваат членство во ЕУ во следните 5 години. Од 27,2 во 2019, дека ќе се зачлениме во ЕУ во наредните 5 години денеска веруваат 3 пати помалку граѓани или само 8,7%.
Гледано по региони, најголем е песимизмот во источниот регион каде 61,8% од граѓаните сметаат дека никогаш нема да станеме членка на ЕУ. Најголеми евро-оптимисти се граѓаните на полошкиот регион каде само 17,3% сметаат дека никогаш нема да станеме дел од ЕУ.
Над половина од граѓаните сметаат дека Македонија е поназад со реформите за европските интеграции во споредба со земјите од регионот. Ваков став делат 51,6% од анкетираните, додека 20,3% сметаат дека сме на исто ниво а само 14,9% се на ставот дека Македонија е понапред во ЕУ.

- реформите во споредба со земјите од регионот
Близу две третини до граѓаните рекле дека знаат кои се придобивките ако Македонија стане членка на ЕУ. Ваков став изразиле 58,9% од анкетираните додека 30,3% рекле дека не знаат.
47,1% од граѓаните рекле дека препознаваат и недостатоци при влегувањето на Македонија во ЕУ, додека 38,1% не гледаат такво нешто.
Половина од граѓаните или 49,2% рекле дека им требаат повеќе информации за европската тема, додека 40,6% од анкетираните се на ставот дека немаат таква потреба.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена телефонски во периодот од 2 до 6 мај, годинава врз репрезентативен примерок од 1112 испитаници.

28.05.2023 - 20:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа