Десетици американски војници распоредени на Кипар поради ескалацијата на тензиите во Либан
Десетици американски војници се распоредени на Кипар додека во Либан, од другата страна на морето, ескалираат тензиите меѓу Израел и Хезболах, изјавија синоќа четворица американски претставници за Си-Ен-Ен.
Според нив, овие војници се подготвуваат за различни видови задачи, вклучително и евакуација на американски граѓани од Либан – земјата од чија територија е вооружено исламистичкото движење Хезболах против еврејската држава – во случај сегашната ситуација да прерасне во воен конфликт.
Претходно оваа недела, портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер рече дека американската војска ќе распореди „мал број“ од својот персонал во регионот, „како мерка на претпазливост“, но не кажа колку е тој „мал број“ и каде тие ќе бидат испратени.
Кипар одигра клучна улога во евакуацијата на странски државјани од Либан за време на војната на Израел против Хезболах во 2006 година. Десетици илјади луѓе тогаш дојдоа на медитеранскиот остров, бегајќи од конфликтот.
Портпаролот на владата на Никозија, Јанис Антониу, минатиот месец рече дека Кипар е подготвен повторно да помогне доколку е потребно.
Велика Британија вчера соопшти дека ќе испрати 700 свои војници на Кипар во случај да има итна потреба од евакуација на британските граѓани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа