Цената на нафтата конечно се стабилизираше
Цените на нафтата се стабилизираа над нивото од 78 долари на меѓународните пазари во четвртокот, бидејќи трговците ја одмеруваа побарувачката во САД и Кина заедно со тензиите на Блискиот исток и намалените испораки од Либија.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневнити тргување беше речиси непроменета во однос на вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 78,29 долари. Вчера го затвори тргувањето со добивка од 1,85 долари.
Позначителни промени денеска немаше ниту на американскиот пазар, каде си барелот се тргува по 75,33 долари. Вчера тргувањето го заврши со добивка од 2,03 долари.
Засебно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки во средата поскапел за 1,31 долари на 76,65 долари.
Пазарите вчера беа поттикнати од падот на залихите во САД минатата седмица, за дури 3,7 милиони барели, според извештајот на Министерството за енергетика, што го намали песимизмот во проценките за побарувачката. Аналитичарите очекуваа многу поблаг пад, за околу 700.000 барели. Во средата, извори со пристап до податоците на Здружението на производители на API рекоа дека залихите всушност благо пораснале.
„Податоците покажуваат дека побарувачката е посилна, а физичката понуда пониска од претходно проценетото“, вели Ешли Келти од „Panmure Liberum“.
Но, побарувачката во САД и Кина останува под знак прашалник, а Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нејзините сојузници големи независни извозници предводени од Русија познати колоквијално како OPEC+ планираат да ја зголемат понудата од октомври, додава Келти.
Во изминатите десет дена цените беа поддржани од зголемената тензија на Блискиот исток. Иран најави свој вооружен одговор за убиството на палестинскиот функционер на Хамас и лидер на палестинската делегација на мировните преговори во окупираниот палестински Појас Газа, Исмаил Ханија. Тел Авив повтори дека нема да ја прекине воената операција во Газа додека не го уништи Хамас.
„Пазарот нервозно го чека одговорот на Иран“, напишаа во белешката аналитичарите на „ANZ Research“.
На почетокот од седмицата вниманието го привлече најавата на Либиската национална нафтена корпорација дека постепено ќе го намалува производството на најголемото нафтено поле во Либија, со капацитет од 300.000 барели дневно.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа