Бугарија го откажа проектот за железничка линија Софија-Скопје

 


Во период на затегнати односи помеѓу меѓу Бугарија и Македонија, бугарската влада вчера одлучи да го откаже проектот за модернизација на железничката линија Софија - Радомир - Перник. Тоа доаѓа во времето кога Бугарија врши притисок врз Македонија да ја забрза изградбата на делницата во нашата земја, а предложи и решение за заедничко пробивање на тунелот кај Деве Баир. Во Бугарија има железничка линија од Софија до пограничното место Ѓуешево (на неколку километри од границата) но нејзе ѝ треба сериозна модерницазија.

Владата на премиерот Росен Жељасков ја донесе оваа одлука вчера, како што јавуваат бугарските медиуми, во рамките на измените на програмата „Транспортна поврзаност 2020-2027“. Одлуката е во истиот ден кога бугарското министерство за надворешни работи реагираше на изјавата на македонскиот премиер за почитување на од страна на Софија на одлуките на Судот во Стразбур, барајќи од Скопје да ги исполни преземените обврски.


 

Железничката линија Софија - Скопје е дел од европскиот транспортен коридор бр.8, кој треба да го поврзе Црното со Јадранското Море по правецот Драч - Тирана - Скопје - Софија - Бургас/Варна. Целта е да се обезбеди брз транспорт на луѓе и стоки. За нејзино спроведување, во Меморандумот за разбирање меѓу Бугарија и Македонија од 2017 година, беше преземена обврска железничката линија меѓу Софија и Скопје да биде готова во 2027 година.

Во 2019 година, како министер за транспорт, Росен Жељасков дури се пофали дека од Софија до Скопје ќе се патува со воз за помалку од еден час во 2025 година. Денес, како премиер очигледно не мисли така, откако неговата влада гласаше да се откаже од проектот за модернизација на железничката линија Софија – Радомир – Перник за сметка на реализација на други железнички проекти.

За реализацијата на двата железнички проекти Софија – Перник и Перник – Радомир беа наменети 500 милиони евра, но тие се исклучени од финансирање во текот на тековниот програмски период 2020-2027 година поради доцнење и недостиг на средства. Ова не е единствениот напуштен железнички проект. Се укинуваат и европските финансирања за изградба на железничките клучки Горна Орјаховица, Русе и Варна, бидејќи подготовката на проектите не е завршена.

Средствата од откажаните железнички проекти ќе одат за довршување на т.н. железничкиот автопат „Тракија“ од Софија до Бургас. Неговата изградба започна со влезот на Бугарија во Европската унија во 2007 година и требаше да биде завршен до крајот на 2023 година. Сепак, два програмски периоди се покажаа недоволни. Сега сите 700 милиони евра во тековниот – трет – програмски период ќе одат за доизградба на железничкиот автопат „Тракија“.

Изградбата на железничката линија Софија - Скопје е замислена уште во 1870-тите години, кога овие територии беа дел од Отоманската империја, покажуваат историските документи. Делницата Радомир - Ѓуешево е изградена во 1910 година, со потрошени импресивни за тоа време 12,3 милиони златна лева.

13.03.2025 - 15:47

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега