Борел: Тешко е да се одржи однос на доверба со Кина ако не придонесе за мирот во Украина
Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изјави дека на Брисел ќе му биде тешко да одржи однос на доверба со Пекинг, доколку Кина не се обиде да придонесе за изнаоѓање политичко решение за украинската криза.
Ова е дел од говорот што Борел требаше да го одржи денеска во аналитичкиот институт во Пекинг, но мораше да го откаже патувањето во Кина бидејќи се заразил со коронавирус.
Подготвеното обраќање е објавено на веб-страницата на Европската унија, пренесува Ројтерс.
„Ќе биде исклучително тешко, ако не и невозможно, Европската унија да одржи однос на доверба со Кина, што би сакал да го видам, доколку Кина не придонесе во потрагата по политичко решение засновано на повлекување на Русија од украинска територија“, предупреди Борел.
Тој нагласи дека „неутралноста пред прекршување на меѓународното право не е веродостојна“.
Тој го повика кинескиот претседател Шји Џјинпинг да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски и Кина да обезбеди поголема хуманитарна помош за украинскиот народ.
Од рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година, Шји двапати се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, но допрва треба да разговара со Зеленски.
Кина, во својот документ за Украина објавен во февруари, објави дека се противи на напади врз цивили и нуклеарни објекти, но се воздржува од отворено осудување на Москва за вооружени дејствија на украинска територија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа