Борел: Ако престанеме да ја поддржуваме Украина, за петнаесет дена војната ќе заврши
Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел денеска изјави дека војната во Украина ќе заврши за 15 дена доколку западните сојузници престанат да ја поддржуваат таа земја.
„Многу луѓе сакаат војната да заврши што е можно поскоро. За почеток, самите Украинци. Но, важно е како. Ако престанеме да ја поддржуваме Украина, за петнаесет дена војната ќе заврши и рускиот претседател Владимир Путин ќе ги постигне неговите цели, но дали тоа е она што го сакаме за Украинците и за безбедноста на нас Европејците? – изјави шефот на европската дипломатија во интервју за шпанскиот весник „20 минути“.
Тој повтори дека сојузниците мора да направат се што е во нивна моќ за, кога ќе дојде време за преговори со Русија, Украина да ги води „под услови поволни за суверенитетот и територијалниот интегритет“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа