Богоев: Нов систем за видео надзор се воспоставува на сите гранични премини


Новиот систем за видео надзор и препознавање на регистарски таблички е веќе воспоставен на граничните премини Дојран, Свети Наум, Табановце, железничка станица Гевгелија и аеродромот Охрид, а во следниот период ќе се воспостави и на останатите 14 гранични премини низ државата. Дежурниот царински центар на Царинската управа од денеска располага со сите податоци кои ги вчитуваат поставените „паметни камери” на овие гранични премини. Информациите од системот ќе се складираат во податочен склад и истите ќе се користат за напредни анализи на податоци, за анализа на ризик, како и за истрагите што ги води Управата со цел сузбивање на криминалот и корупцијата. Денеска, директорот на царинска управа Стефан Богоев и заменик директорот Муарем Асани заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и Татјана Марковска специјалист за приватен сектор при Канцеларијата на Светска банка, го посетија Дежурниот царински центар и граничниот премин Дојран со цел увид на реализацијата на проектот.

„Ветив нула толеранција за криминалот и корупцијата. Ова се овозможува само со конкретни проекти кои трајно ќе го искоренат криминалот. Системот за видео надзор и препознавање на регистарски таблички во секое време информира за фреквенцијата на граничните премини, кое возило со која регистарска табличка, боја и марка на возилото влегло во државата и како се движело низ граничните премини во одреден период, но исто така алармира доколку некое лице се движи во недозволени области околу премините. Сите информации се внесуваат во податочен склад при што доколку понатаму е потребно да се извади статистика за движењето на одредено возило за кое на пример има потерница, истите информации ни се достапни веднаш”, истакна Богоев.

05.03.2024 - 14:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега