Битиќи: Северна Македонија е единствена во регионот и Европа со пад на цените на храна
Поради енергетската криза, како и војната во Украина, растат цените на храната на светските пазари што се отсликува со зголемени цени на прехранбени производи и зголемена инфлација во регионот и Европа, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Според него, навремено преземените мерки на Владата, како замрзнување на трговски маржи во трговијата, намалување на стапката на ДДВ од 10% на 5% кај основните прехранбени производи, субвенционирањето на електричната енергија на производителите на прехранбени производи, како и замрзнувањето на цените на основните производи во маркетите кои се со „гарантирана цена“, даваат реални резултати.
„Поради сето ова, во октомври имавме пад на инфлацијата на 3,5%, од рекордните 19,8 во октомври минатата година. А денеска угледниот сајт www.tradingeconomics.com, забележува дека Северна Македонија е единствена во регионот и Европа со пад на цените на храна од 4,36%.
За споредба, во непосредното опкружување и регионот, Србија бележи раст на цените на храната од 10,5%, Албанија 7,8%, Бугарија 7,6%, Грција 9,93%, Косово 3,9%, Црна Гора 3,8%, Хрватска 8,7%, Романија 8,66%, Босна и Херцеговина 6,24%, Турција 71,99%, Словенија 7,32%“, нагласува тој.
Ова, како што додава, е уште една потврда дека оваа Влада се грижи за граѓаните и граѓанките на оваа земја и дека прави максимални напори во борбата со растечките цени на храната на светските пазари со цел да го заштити животниот стандард, и истиот во исто време да го унапреди преку константно зголемување на пензиите, и на минималната плата, истовремено креирајќи поволна и предвидлива бизнис клима каде растот на платите во приватниот сектор ќе продолжи и понатаму.
Дополнително, оценува дека со носење на новиот закон за нефер трговски практики, ќе се ограничат појавите на волунтаристички и неетички бизнис практики, кои дополнително ќе ги заштитат граѓаните, објави Битиќи на социјалните мрежи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа