Битиќи: На крајот на оваа година Националната развојна стратегија очекуваме да биде изгласана во Собрание

Вицепремиерот Битиќи во неговата изјава за медиумите по завршувањето на состанокот на Управниот одбор за креирање на Националната развојна стратегија, информираше дека пред нешто повеќе од година и половина започна креирањето на долгорочната стратегија за развој преку еден инспиративен и сеопфатен процес, кој има за цел креирање документ кој ќе претставува заедничка визија за развојот на нашата држава и општество во претстојните две декади.
„Националната развојна стратегија ќе ни ја даде потребната јасност и визија за развојните цели и патека на нашата држава. Креирањето на Националната развојна стратегија се заснова на четирикратниот хеликс а тоа е државата, академијата, бизнисот и граѓанскиот сектор. Во управниот одбор но и во сите фази на креирањето и консултирањето за Националната развојна стратегија се вклучени сите. Горд сум што можам да кажам дека ова е веројатно најинклузивниот процес кој сме го имале во нашата држава досега“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи изрази убеденост дека само вака, преку инклузивност и активна партиципација, ќе го постигнеме потребниот и посакуваниот консензус за донесување но и за имплементација и следење на целите зацртани со Националната развојна стратегија.
На крајот, вицепремиерот Битиќи информираше дека влегуваме во последната фаза на самото пишување на стратегијата и проценката е дека до крајот на оваа година веќе ќе биде изгласана прво од Владата, па Собранието.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа