Бесими: Граѓанската обврзница е меѓу најповолните финансиски производи и безризична инвестиција

 

Прва причина за да граѓаните инвестираат во граѓанската обврзница е поволната каматна стапка, втора причина е сигурноста на инвестицијата. Но, исто така, со граѓанската обврзница се проширува инвестициското портфолио преку развиен пазар на капитал, што е трета причина за инвестирање, борбата со сивата економија - која е четврта причина и инвестирање во подобро утре, во економски раст и развој, или петта причина, која ја наведува министерот за финансии, Фатмир Бесими во својата најнова колумна.  Со купонска камата од 5% и рочност од две години, граѓанската обврзница во моментот е еден од најповолните хартии од вредност на пазарот, со добивка за две години од 10% на вложената сума. Државните хартии од вредност се и најсигурен инвестициски инструмент, бидејќи државата стои зад нив како издавач и ја гарантира нивната сигурност и сигурноста на приносот.

„Граѓанската обврзница има купонска камата, што значи дека каматата која државата ја плаќа на имателот се исплаќа на повеќе пати, согласно утврдените рокови во проспектот. Во случајот со граѓанските обврзници понудени на оваа аукција, каматата на имателот ќе му се исплати на 20.07.2024 и 20.07.2025. Тоа значи дека доколку некој сега инвестира 100.000 денари, на наведените датуми државата ќе му исплати камата од по 5.000 денари, или вкупно би имал принос од 10.000 денари за две години, или 10% од вредноста. При истекот на рокот на обврзницата, државата ја враќа и целата сума која граѓанинот ја инвестирал. Една обврзница има вредност од 10.000 денари, што е и минималната инвестиција која граѓаните можат да ја направат“, пишува Бесими.
Граѓаните сега, исто така, ќе можат да ги ползуваат овие придобивки, преку инструмент кој е дизајниран специјално за нив. Граѓанските обврзници нудат сигурност и од друг аспект, а тоа е заштитата на заштедите на граѓаните од ефектите од инфлацијата.

„Процедурата за инвестирање кај граѓанската обврзница е исклучително едноставна. Граѓаните треба да појдат во некоја од комерцијалните банки и да поднесат барање за учество на аукцијата, како и да извршат уплата на паричниот износ за кој сакаат да купат обврзници. Барањето треба да биде доставено до банката најдоцна еден ден пред одржувањето на аукцијата. По завршување на аукцијата, барателите склучуваат договор и обврзницата се записшува на нивно име, а потоа како што доспеваат роковите, им се исплаќа каматата“, пишува министерот за финансии.

Првата аукција на граѓански обврзници кај нас, ќе се одржи на 13 јули. Граѓаните ќе можат да поднесуваат барања до 12 јули. Вкупно ќе бидат понудени обврзници во вредност од 600 милиони денари.

02.07.2023 - 10:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега