Белата куќа ја појасни изјавата на Бајден: Засега не планира да разговара со Путин

Белата куќа денеска ја појасни изјавата што Џо Бајден ја даде претходниот ден, посочувајќи дека американскиот претседател во моментов не планира да разговара со Владимир Путин за украинското прашање.

„Тој нема намера да разговара со Путин во овој момент“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа. „И како што (Бајден) исто така рече, Путин не покажа апсолутно никаков интерес за каков било вид дијалог - токму спротивното, всушност“, им рече тој на новинарите.

Џо Бајден вчера изјави дека е „подготвен да разговара со Путин доколку се обиде да најде начин да стави крај на војната“, истакнувајќи дека рускиот претседател „се уште не го сторил тоа“.

„Да беше така, во договор со Французите и пријателите во НАТО, би бил среќен да седнам со Путин и да видам што има на ум. Тој сè уште не го сторил тоа“, додаде тој на заедничката прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон.

Овие изјави сугерираат дека Вашингтон е отворен за дијалог со Кремљ за војната во Украина, но Москва очигледно денеска го отфрли предлогот, сфаќајќи дека тоа вклучува заминување на руските сили од Украина, за што Русија не размислува, објаснува Франс прес.

Кирби, исто така, негираше дека САД го убедуваат украинскиот претседател Володимир Зеленски да ги продолжи преговорите со Москва.

„Претседателот воопшто не кажа дека е дојдено време за преговори“, рече тој. „Војната можеше да заврши денес без преговори, доколку Путин го направеше она што требаше да го направи и ја напушти Украина. Неговите сили немаат што да прават таму.“

 

02.12.2022 - 22:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега