Бектеши предлага: Партиите што ќе изгубат на изборите повеќе да не се занимаваат со политика
Министерот за економија Крешник Бектеши од редовите на ДУИ денеска даде предлог и ги повика сите политички партии да се договорат – оние коишто ќе изгубат на претстојните избори да се повлечат од политиката. Бектеши ова го кажа во одговор на новинарско прашање дали лидерот на ДУИ, Али Ахмети, би се повлекол од партиската функција доколку Демократската унија за интеграција биде поразена на следните избори.
„Тоа е прашање за господинот Ахмети, но еве, повикувам да направиме договор, ако сакаат и јавно да потпишеме договор меѓу сите политички парии – тој што ќе изгуби веќе да не се занимава со политика. Ние ја фрламе ракавицата, нека повелат сите политички партии вклучувајќи ja и ВМРО-ДПМНЕ и другите партии. Но, зошто ова не би се случило, затоа што овие т.н. лидери на политички партии – тоа не важи само за македонската опозиција туку и за другите лидери – сите изгубиле избори не еднаш туку повеќепати, само господинот Ахмети никогаш не изгубил и нема да изгуби избори“,рече Бектеши одговарајќи на новинарското прашање.
Повикувајќи се на резултатите од предизборните анкети, Бектеши оцени дека ДУИ ќе биде победник во албанскиот политички блок на парламентарните избори. Прашан за можна коалиција со СДСМ на изборите, министерот рече дека во моментов двете партии не се многу блиску до можноста за заедничко коалицирање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа