Австрискиот амбасадор Памер: За Северна Македонија предлагаме забрзана интеграција за пристапување во фази пред затворање на сите поглавја

Нема смисла да се чека на секој параграф, аспект или било која друга обврска да биде исполнета за да кажеме сега можете да станете членка на ЕУ. Многу подобро е да ги вклучиме нашите партнери таму каде што веќе ефикасно придонесуваат, учествуваат и на тој начин да ги уживаат погодностите на ЕУ. Значи станува збор за постепена интеграција. Можеби 2030 година за некои земји е прерано, а за некои може да е и предоцна. Но, важно е да имаме предвид каде одиме, да продолжиме и да забрзаме, вели во интервју за Рацин.мк амбасадорот на Австрија во Скопје Мартин Памер.

Амбасадорот Памер открива повеќе деталји за документот „Забрзување на постепената интеграција за Западен Балкан“ што минатата недела му го врачи на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ. Нонпејперот кој во име на Австрија е доставен и до највисоките претставници и институции на ЕУ, се совпадна со неформалниот самит на ЕУ во Гранада, на којшто проширувањето беше една од двете централни теми заедно со мигрантската политика, препорачува забрзување на процесот за пристапување на Западен Балкан во ЕУ, односно за постепено пристапување.

- Да кажам поедноставно, тоа значи да им овозможиме на нашите партнери од Западен Балкан, односно на Северна Македонија, да учествува со поголемо вклучување и во повеќе програми и форуми на ЕУ, таму каде што може да партиципира и каде што има смисла. Тоа практично значи да се подобри процесот на евроинтеграција“, истакнува Памер.

Тој нагласува дека „досега процесот беше базиран на исполнување на обврските од поглавје во поглавје којшто беше прилично бавен со мали резултати од аспект на гледната точка на граѓаните“.

- Сега сакаме тој процес да го забрзаме. Зошто? Затоа што сега зборуваме за комплетно промената геостратегиска ситуација во Европа, но најмногу и заради тоа што нашите партнери во регионот, поточно Република Северна Македонија заслужуваат да бидат дел од ЕУ, потенцира Памер.

Амбасадорот на Австрија во земјава се согласува дека документот кој препорачува забрзување на процесот за евроинтеграција на Северна Македонија се поврзува со најавата за новото проширување на ЕУ во 2030 година.

- Неопходно да се одреди датум за да се добие одредена перспектива затоа што процесот е веќе предолг и од стратешка гледна точка потребно е се забрза процесот. Нема смисла да се чека на секој параграф, аспект или било која друга обврска да биде исполнета за да кажеме сега можете да станете членка на ЕУ. Многу подобро е да ги вклучиме нашите партнери таму каде што веќе ефикасно придонесуваат, учествуваат и на тој начин да ги уживаат погодностите на ЕУ. Значи станува збор за постепена интеграција. Можеби 2030 година за некои земји е прерано, а за некои може да е и предоцна. Но, важно е да имаме предвид каде одиме, да продолжиме и да забрзаме“, вели амбасадорот Памер.

Тој смета дека овој процес не смее да се одлага и дека тоа се однесува и на земјата и на ЕУ.

- Многу добро знаеме дека за секоја земја од регионот одлагањето на евроинтеграцискиот процес значи проблеми. Во однос на Северна Македонија уставните измени се суштинско прашање. Од широка перспектива тоа прашање тоа е домашно прашање кое треба да биде завршено пред изборите следната година. Многу подобро е таа работа да се заврши сега отколку да се одлага, посочува во интервју за Рацин.мк амбасадорот на Австрија Мартин Памер.

12.10.2023 - 19:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега