Американски судија укина федерална забрана за продажба на оружје на помлади од 21 година

 

Федерален судија во Вирџинија ги укина федералните закони кои ја блокираа продажбата на оружје на купувачи помлади од 21 година, пресудувајќи дека со нив се крши уставното право за поседување огнено оружје, пренесува „Њујорк тајмс“.

Одлуката, што Министерството за правда се очекува да ја оспори, нема да стапи на сила се додека судијата Роберт Пејн од Окружниот суд на САД за Источниот округ Вирџинија, кој беше назначен од претседателот Џорџ Х.В. Буш не ја објави својата конечна наредба во наредните недели.

Одлуката нема да влијае на 19-те држави кои имаат свои закони со кои се забранува продажба на оружје на лица помлади од 21 година.

Одлуката на Пејн доаѓа по значителното проширување на правата за носење и поседување оружје од страна на Врховниот суд минатата година на кое судијата честопати се повикуваше во своата пресуда донесена во средата.

„Бидејќи предметните статути и прописи не се во согласност со историјата и традицијата на нашата нација, тие, според тоа, не се одржливи“, напиша Пејн во својата одлука.

Адвокатите кои го застапуваат Министерството за правда во случајот не одговорија веднаш на барањето за коментар.

Елиот Хардинг, адвокатот на четворицата тужители кои се на возраст од 18 до 20 години и сакаа да купат оружје, рече дека е задоволен од одлуката.

„Одлуката гарантира дека идните купувачи сега можат да купат огнено оружје во федералниот систем, кој вклучува темелни проверки и исполнување други услови, но очекуваме дека државата ќе се жали. Сепак, остануваме оптимисти дека одлуката ќе биде потврдена во догледно време“, рече Хардинг.

Правото за поседување и носење оружје, омилено кај многу Американци и ветено од основачите на нацијата во 18 век, се спорно прашање во нацијата со високо ниво на насилство од огнено оружје, вклучително и бројни масовни пукања.

Според Архивата за вооружено насилство, досега годинава се забележани најмалку 210 масовни пукања, што е најмногу за овој период од годината од 2016 година наваму. Непрофитната група го дефинира масовното пукање како вооружен инцидент во кој четири или повеќе лица се ранети или убиени, не вклучувајќи го и стрелецот.

12.05.2023 - 09:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега