Американски сенатор: Украина користеше оружје од САД за напади на Русија
Украина користела американско оружје за да изврши напади во Русија во последните денови, изјавија за АП американски сенатор и западен функционер запознаени со ова прашање.
Оружјето било користено според неодамна одобрените упатства на претседателот Џо Бајден со кои се дозволува употреба на американско оружје за напади во Русија со ограничена цел за да се брани Харков, вториот по големина град во Украина, објави АП.
Функционерот не бил овластен јавно да коментира за чувствителната работа и разговараше со АП под услов да остане анонимен. Републиканскиот сенатор Мајк Раунд од Јужна Дакота, член на Комитетот за вооружени служби на Сенатот, ги потврди нападите со американско оружје, но не кажа кој го известил.
Директивата на Бајден дозволува оружјето доставено од САД да се користи за напад на руските сили кои напаѓаат или ќе нападнат. Тоа не ја менува политиката на САД, која ѝ наложува на Украина да не користи ATACMS обезбедени од САД или ракети со долг дострел и друга муниција за офанзивни напади во Русија, рекоа американски официјални лица.
Украинските власти ги засилија повиците до САД да им дозволат на силите на Киев да се бранат од напади кои доаѓаат од руска територија. Харков се наоѓа на само 20 километри од руската граница и е под засилен руски напад. Во напредувањето во североисточниот регион на Харков, руските сили го искористија долгото одложување во надополнувањето на американската воена помош.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа