24 часа нема да има вести: Грчките новинари штрајкуваат, ниски им се платите

Новинарите во Грција за денеска најавија 24-часовен штрајк во знак на протест поради зголемените трошоци за живот и релативно ниските плати, јави ДПА. Новинарските синдикати најавија дека штрајкот е знак на протест против одбивањето на работодавачите да потпишуваат колективни договори за работа во приватните медиуми, против ниските плати и заканите за плурализмот, додава „Катимерини“.

На грчките радио и телевизиски канали денеска нема да има вести, а онлајн медиумите не ги ажурираат своите страници. Во среда нема да излегуваат весници поради штрајкот.

„Имаме серија последователни експлозивни зголемувања на цените што создаваат катастрофална ситуација за семејствата чии приходи се уништени“, соопшти најголемото грчко новинарско здружение.

Инфлацијата во Грција во март била 3,2 отсто, забележува ДПА. Атинскиот неделен весник „Вима“ пресметал дека во моментов во Грција луѓето плаќаат по 50 евра за производи кои пред две години чинеле 37 евра.

 

16.04.2024 - 10:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега