ОН: 114 милиони луѓе се насилно раселени во светот, тоа е рекорд

 

 

Повеќе од 114 милиони луѓе во светот во моментов се присилно раселени, што е најголем број досега, објавија Обединетите нации.

„Бројот на раселени лица поради војна, прогон, насилство и кршење на човековите права во светот веќе веројатно надмина 114 милиони на крајот на септември“, објави Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР).

Во првата половина на 2023 година, главната причина за раселување на населението беа конфликтите во Украина, Судан, Мјанмар и Демократска Република Конго, но и долгорочната хуманитарна криза во Авганистан и комбинацијата од суша, поплави и несигурност во Сомалија.

Повеќе од половина од раселените мораа да ја преминат границата, додава агенцијата. Речиси една третина од раселените во светот се жители на три земји – Авганистан, Сирија и Украина.

„Вниманието на светот во моментов е насочено кон хуманитарната катастрофа во Газа. Но, на меѓународно ниво, многу конфликти се шират и се интензивираат, одземајќи невини животи и протерувајќи ги луѓето од нивната татковина“, рече шефот на агенцијата на ОН, Филипо Гранди.

Во својот извештај, кој дава податоци за првата половина на 2023 година, УНХЦР проценува дека во светот во средината на јуни имало 110 милиони раселени лица, што е за 1,6 милиони повеќе отколку во истиот период во 2022 година.

Агенцијата забележува дека во следните три месеци тој број уште повеќе се зголемил и на крајот на септември достигна 114 милиони.

25.10.2023 - 15:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега