Земја што нема излез на море прогласена за најдобра во Европа за капење
Оваа недела Европската агенција за животна средина (ЕЕА) објави нов извештај за квалитетот на европската вода за капење. Се наведува дека речиси 85 отсто од плажите во Европа се оценети како одлични, пренесува Си-ен-ен.
Годишниот извештај за водата за капење набљудуваше речиси 22.000 места за капење во внатрешноста и на крајбрежјето на земјите членки на ЕУ, а исто така и Албанија и Швајцарија. Земјите не мора да имаат пристап до море за да се најдат на оваа листа бидејќи се земаат предвид и езерата и другите области за капење. Велика Британија, која ја напушти ЕУ, првпат ја нема во извештајот.
Австрија, земја без излез на море, позната по многуте прекрасни езера, вклучувајќи ги и алпските води на езерото Ахен во Тирол и езерото Вајсен, со познатите нијанси на смарагд, е на врвот на листата. Дури 97,7 отсто од нејзините води се прогласени за одлични.
Веднаш по Австрија, во првите пет се и Малта, Грција, Хрватска и Кипар. Португалија е на 10. место со 88,5 отсто, а потоа следуваат Италија и Шпанија. Дестинацијата привлечна за туристите, Франција, заостанува со 75,7 отсто. Полска е најниско рангирана, со 44,5 отсто.
За да се постигнат овие резултати, Европската агенција за животна средина во соработка со Европската комисија направи процена, така што локалните и националните власти зедоа примероци од водата за време на сезоната на капење и го анализираа присуството на бактерии, кои укажуваат на загадување од канализација и добиток.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа