Волците во одбрана на Ковачки: Премиерот да му се извини што лажно го клевети за да се спаси од срамот

Дел од поранешните и сегашни припадници на Батаљонот – Волци, во отворено писмо реагираат во одбрана на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, откако премиерот го нарече кодош, дезертер и странски шпион.

Нивната реакција ја пренесуваме во целост.

„Ние, поранешни и сегашни припадници на “Волците” сме кажале дека политиката никогаш не била и никогаш нема да биде наша работа. Нас политика не не интересира. Облековме униформа за да ја браниме државата од надворешни и внатрешни непријатели.

Тоа го докажавме во одбраната на државата во 2001 година ( но и пред и после неа ). Сите ние во Батаљонот за специјални намени – ВОЛЦИ ги имавме отпишано животите уште кога пристапивме во единицата.
Ние бевме свесни дека со една нога секогаш сме во гроб.

Реагираме по повод изнесените лаги за братот Драган Ковачки кој од страна на премиерот Димитар Ковачевски беше наречен дека е кодош, дезертер и странски шпион.

Ние нема да дозволиме некој што не облекол чизми и одбегнал да служи тогаш кога наши браќа гинеа на фронтот, да го омаловажува и навредува Драган Ковачки кој беше дел од нас и сеуште е дел од нас.

Ние, со сета своја војничка чест и интегритет потврдуваме дека ова се бесмислени лаги искажани од првиот човек на Владата.

Драган Ковачки е директен учесник во 2001 година како лидер на Против-терористички тим. Учесник е во сите борбени дејствија на единицата, а заради воени заслуги Драган Ковачки е вонредно унапреден во повисок чин.
Само да ја потсетиме јавноста, под учество во борбени дејствија подразбираме офанзивни (нападни) борбени дејствија.

Драган Ковачки беше со нас во Ирак во 2003 година во првата ротација. Беше офицер за специјални операции и за разузнавање.
За таа прва ротација постои и објавена книга под наслов “Патот за Вавилон”. Премиерот кој не служел војска треба да ја прочита книгата за да согледа кој е Драган Ковачки пред да го обвинува дека е шпион за странски служби.

Премиерот Ковачевски веднаш треба да му се извини на братот Драган Ковачки затоа што лажно го клевети за да се спаси себеси од срамот што му го откри токму Ковачки.

Оттука понатаму ние не се мешаме, само сакавме да укажеме дека Драган Ковачки ја има нашата поддршка, а премиерот Димитар Ковачевски ја нема нашата поддршка затоа што одбегнал воена обврска и не ни се придружи во 2001 година.

Предавството од своите боли повеќе од куршумот на непријателот. Ова ние најдобро го знаеме и го искусивме неколку пати наназад во нашето постоење.

Ова јавно напаѓање со измислени работи кон Драган Ковачки е напад на сите нас но и на сите припадници на специјалните единици и воопшто на припадниците на АРМ.

СЕКОГАШ И СЕКАДЕ ПРВИ!

Со должна почит кон Драган Ковачки.

Дел од поранешни и сегашни припадници на Батаљонот – ВОЛЦИ“, се наведува во писмото.

30.09.2022 - 11:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега