Во Скопје се расчистуваат сливниците, паднатите дрвја и билбордите од коловозите и тротоарите
Од ЈП Улици и патишта Скопје утрово информираат дека по невремето интервенирале со цела оператива и механизација на терен и притоа биле поделени на реони да делуваат на расчистување на улиците и тротоарите за нормализирање на сообраќајот.
-Паралелно екипите се координираа со ЈП Паркови и заленило и ЈП Водовод со кои интервенираа на расчистување на сливниците и паднатите дрвја и билбордите од коловозите и тротоарите, соопштија од ЈП Улици и патишта Скопје.
Од механизација, како што посочуваат, интервенирано е со три комбинирани машини скипа, три боб кет машини и три камиони.
– Од оператива беа ангажирани шест екипи на терен и дежурни работници за одржување на сообраќајната сигнализација санација на дефекти на семафори и вертикална сигнализација, вкупно 73 лица на терен. Интервенции со расчистување на сливниците и паднати дрва имаше на бул.„Партизански Одреди“, бул.„М.Т.Гологанов“, „Кочо Рацин“, „Филип Втори“, подвозник на бул.„Киро Глигоров“, бул.„Јане Сандански“,бул.„Гоце Делчев“ кај МТВ, кеј „Димитар Влахов“ и други, се наведува во соопштението од ЈП Улици и патишта Скопје.
Санацијата на дефекти на семафорите имало во сите општини каде што се јавило потреба.
-Настанатите последици на светлосната сигнализација се уште се санираат на терен и ќе продолжат во текот на целиот ден со цел воспоставување на нормално функционирање и безбедност во сообраќајот. Во текот на вечерните часови санирани се и оштетените плочи на плоштадот „Македонија” кај фонтаната. Екипите продолжуваат понатаму со активностите за нормализирање на светлосната сигнализација на градските крстосници, се дополнува во соопштението.
31.08.2022 - 10:11
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа